Иницијативата прво беше наречена „мал шенген“, а потоа најсоодветно вкоренета во нашата област како Отворен Балкан. На големо изненадување за европската јавност, двајцата најмоќни лидери во регионот, Александар Вучиќ и Еди Рама, поддржани од Зоран Заев, започнаа процес за создавање панбалкански заеднички пазар, моделиран според заедничкиот европски пазар, како одговор на бесконечниот процес на европска интеграција на земјите од Западен Балкан, пишува поранешниот амбасадор Ивица Боцевски во колумна за „Нова Македонија“
(…)
Но, за жал, Европската Унија и особено Германија се многу скептични кон целата иницијатива, па од Брисел и од Берлин се слушаат дури и гласни зборови на протест. Дури се тврди и дека нема никаква потреба од Отворен Балкан, кога веќе функционира Берлинскиот процес.
Искрено, за бесмисленоста на оваа критика и не вреди да се дебатира.
Германија има едно моќно орудие што целосно може да го обезвредни и да го уништи Отворен Балкан, но гледаме дека таа нема намера да го употреби тоа оружје, кое се вика европска интеграција. Зошто балканските земји би се радувале на заеднички пазар од дваесетина милиони граѓани (при влезот на сите шест држави од Западен Балкан во иницијативата) ако им се даде можност за учество во континентален заеднички пазар од безмалку четиристотини милиони жители?
Свежо е сеќавањето како изгледа тоа кога Германија е сериозна кон процесот на европска интеграција. За само еден мандат на германскиот еврокомесар за проширување Гинтер Ферхојген се завршија преговорите со сите посткомунистички земји од големото проширување.
Оттогаш Европската Унија само глуми проширување, но ништо не се случува.
Затоа формулацијата во најновата Резолуција на Европскиот парламент за Новата стратегија на проширувањето околу Отворен Балкан не можам да ја оценам никако поинаку освен како едно големо лицемерство. Европската Унија треба целосно да го поддржи овој процес и да застане зад Отворен Балкан, наместо да го осудува како иницијатива што оди против словото, духот и суштината на европската интеграција. Срамно е да се тргне против единствената балканска иницијатива родена на самиот полуостров, пишува Боцевски.
„Најдобар одговор на Македонија, Србија и Албанија ќе биде итно забрзување и заокружување на целата иницијатива, но по европски терк. Јасно е дека Европската Унија нема донесено конечна одлука за прием на земјите од Западен Балкан во заедничкиот пазар и во целиот сојуз. Меѓутоа, уште појасно е дека за регионот и нема друг избор, имајќи ја предвид неговата економска зависност од европскиот пазар.
Самиот процес на проширување, ваков бесконечен, растегнат и бесцелен, не оди никаде и не нуди никаква дополнителна вредност. Затоа најефективен одговор би бил директна примена на целокупното европско законодавство, познатиот европски acquis, за создавање балкански заеднички пазар, следејќи ги целосно сите европски директиви, регулативи и правила, со преодни и завршни одредби во нашите законодавства дека нивното важење се однесува веднаш на земјите-членки на Отворен Балкан, а дека нивната имплементација ќе се прошири на целиот Европски економски простор по приемот на државите од Западен Балкан во Европската Унија.
Така ќе се затворат сите отворени и брбливи усти низ Европа, а и ќе се развеат сите сомнежи за иницијативата Отворен Балкан. На крајот од краиштата, и зошто да не? Балканската економска интеграција и балканскиот заеднички пазар може да биде првиот вистински чекор на земјите од Западен Балкан кон целосната европска интеграција, но и одлучувачки притисок Европската Унија конечно да се изјасни дали воопшто нè сака во своите редови како полноправни земји-членки. Би било подобро балканскиот клуч да ги отвори портите на Европската Унија, отколку европскиот клуч да го затвори Отворен Балкан.







