Боцевски: Дали Заев ги искористил информациите за руската инвазија врз Украина за лично богатење?

Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, во гостување во дневникот на Сител обзнани информација дека државниот врв бил предупреден од страна на претставници на ОН и САД дека Русија планира воена операција во Украина.



Воената операција започна кон крајот на Февруари годинава, што значи дека Претседателот Пендаровски и поранешниот премиер Заев знаеле за потенцијалните предизвици и опасности за државата најмалку 3 месеци пред да започне операцијата.

Поранешниот амбасадор на Република Македонија во Бразил, Ивица Боцевски, во гостување во емисијата “Што не е јасно” кажа дека е сомнително што Заев и Пендаровски знаеле за специјалната воена операција на Русија во Украина уште во ноември и наместо да преземат мерки за заштита на државните интереси, информациите можеби биле искористени за лични цели на Зоран Заев.

“Мислам дека имаме еден пресериозен проблем. Имено, излезе на интервју Претседателот Пендаровски и спомна дека уште во ноември, значи се уште Зоран Заев е премиер, тие добиле некакво известување од разузнавачките информации, САД ги спомнаа како земја која ги донела тие информации, дека се спрема руската инвазија врз Украина.

И дека тие ја имале таа информација. Е сега тоа е ноември. Пред само неколку недели излезе информација дека синот на Зоран Заев кој што патем има 18 години, отворил фирма за тргување со енергенси.

По мене, сигурен е етичкиот престап, сигурен е политичкиот престап затоа што внатрешни информации добиени како информации од јавен интерес за Македонија, еден човек ги слоупотребува да направи фирма и да ја позиционира во оној простор каде што ќе има раст на цените и така натаму, со цел својот личен приватен интерес да го зголеми, својот џеб да му порасне.
Јас сум сигурен дека тука има и простор за одговорност пред законот. Сигурен сум дека еден ревносен правник кој што тоа му е професија, кога тоа ќе го прочепка ќе види дека внатре има и нешта врзани со осговорност пред законот. Притоа несомнена е моралната одговорност која на овој човек ништо не му значи и несомнена е политичката одговорност.

Пазете кога дошол претставникот на САД кај Пендаровски тој дошол да ја предупреди Македонија, а не Заев да прави фирми, да тргува со енергенси чии што цени ќе растат до небеса заради ситуацијата во Украина.” – истакна Боцевски.

Инаку, неколку дена по почетокот на специјалната воена операција на Русија во Украина, јавноста дозна дека Душко Заев, синот на Зоран Заев, станал сопственик на фирмата “Тотал Енерџи” која се занимава со производство на електрична енергија.

Фамилијата Заеви поседува повеќе бизниси, но ова е прва фирма која работи во секторот на енергетиката.