Македонија е една од земјите што може да се пофалат дека имаат многу повеќе државјани отколку жители. Само во последниот век и половина виделе неколку сериозни бранови иселување од Македонија, а сезонската миграција и печалбарството остануваат врежани во културната ДНК на граѓаните од овие простори…
Но, Македонија мора да вложува во својата дијаспора и да ги негува врските со новите генерации Македонци родени низ светот, вели во отрезнувачки напис за „Нова Македонија“, амбасадорот Ивица Боцевски.
(…)
„За жал, македонската политика кон дијаспората останува закатанчена некаде во третиот бран на дијаспората иако одамна се укинати или обесмислени некогаш моќните институциите што ги поддржуваа македонските заедници, организирано испратени по белиот свет како „гостински работници“ или веќе одомаќеното „гастарбајтери“.
Велам „за жал“ затоа што епохата на мигрантите од третиот бран е одамна завршена.
Копнежите по родните огништа се неразбирлив концепт за децата и внуците на Македонците од овој трет бран современа македонска миграција, исто како и културниот израз на тој непребол опеан во песни, испишан во романи и овековечен низ документарни филмови.
Една глобализирана нација, како македонската, мора да им понуди многу повеќе на своите сограѓани што го зачувале македонското државјанство, но и на иселениците од македонско потекло што сакаат да ги негуваат врските со матицата. За таа цел е потребен своевиден коперникански обрт на политиката кон иселеништвото.
Македонија мора да вложува во својата дијаспора и да ги негува врските со новите генерации Македонци родени низ светот.
Во најблиското соседство имаме примери како успешно се прави тоа, па може многу да се научи од италијанската, грчката, израелската, но и од полската и хрватската дипломатија за односот на матицата кон иселеништвото.
Македонија мора да се обиде да ги преотвори школите за изучувања македонски јазик во дијаспората, на трошок на државниот буџет и со испраќање учители од државниот образовен систем. Нели јазикот беше нашата татковина?
Понатаму, македонската дипломатија треба активно да ги потпомогне сите иницијативи за летни и зимски кампови за изучување јазик, но и за висока наука, технологија, инженерство и математика за децата од дијаспората, проследени со запознавање со македонската култура и со пределите низ Македонија…“ порачува Боцевски.







