Боцевски: Да ѝ се укаже на меѓународната заедница за идентитетските и политички последици за РМ од „Бугари во Устав“, оти е рамнодушна кон тоа!

„Во последнава година, откако е претставен така наречениот ‘француски предлог’ на преговарачката рамка за Македонија, претставниците на меѓународната заедница речиси беспоговорно инсистираат на спроведување на уставните измени, што ги бара Бугарија, заради внесување на Бугарите како ’дел од народ’ во преамбулата. Иако ваквиот услов претставува прекршување на меѓународното право по повеќе основи, па и на темелните правни стандарди на ЕУ, Франција, Германија, САД и многу други претставници на меѓународната заедница не го земаат воопшто тоа предвид. Тие инсистираат на уставните измени, со кои се негира владеењето на меѓународното право. Затоа се создава противречност: дали се приоритет уставните измени, или реформите?“ – се вели во анализата на новинарката Јасминка Павловска со наслов „Прво реформи, па потоа соодветни уставни измени“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Меѓународната заедница е рамнодушна кон тоа што уставните измени отвораат нови проблеми во Македонија

Покрај другото, во анализата се наведува: Според Ивица Боцевски, поранешен македонски амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции, во очите на претставниците на меѓународната заедница не постои дилема меѓу уставните измени и реформите, како услови за нашите евроинтеграции. „Овие две работи тие ги согледуваат процесно, односно како услови (пречки), што треба да се исполнат (надминат), за да тече процесот на евроинтеграции. Уставните измени, што се бараат од Македонија, во меѓународната заедница не се гледаат содржински, како тоа политички ќе влијае внатре во Македонија, како ќе се одрази во Бугарија. За нив тоа не е противречно, туку сѐ е дел од еден процес. Рамнодушни се кон тоа дали уставните измени отвораат нови проблеми во Македонија, а отвораат.“ – укажува Боцевски.

Тој дополнува: „Затоа, работа е на македонската дипломатија да ѝ претстави на меѓународната заедница, што сѐ ќе предизвика прифаќањето на овој нестандарден и противправен услов (од аспект на меѓународното право) за Македонија, но и за авторитетот и принципиелноста на Европската Унија. Но нашата Влада даде согласност за таквото условување за уставни измени. Тоа остави простор за оваа ‘процесна перспектива’ на меѓународната заедница за уставните измени, кои имаат суштински идентитетски и политички импликации за Македонија, а во перспектива и за целиот процес на проширувањето на ЕУ.“

Експертката за прашањата и процесите на ЕУ со децениско практично искуство во спроведување на стратегиската определба на Македонија за членство во ЕУ Малинка Ристевска-Јорданова нагласува дека целината на прифатените барања од Бугарија е суштински спротивна на вредностите на ЕУ.

Барањето за уставни измени за претставниците на меѓународната заедница е обврска од договор, на кој ние сме се согласиле и кој треба да се исполни за да се продолжи преговарачкиот процес, поради тоа што Бугарија има право на вето. Но, целината на прифатените барања од Бугарија е суштински спротивна на вредностите на ЕУ. Свесно се газат вредностите на ЕУ.“ – вели Малинка Ристевска-Јорданова.