„Македонско-бугарскиот спор околу идентитетот, историјата и јазикот е значаен и многумина македонски општественици и интелектуалци предупредуваат дека овој спор има и димензија на загрозување на националната безбедност на Македонија. Македонците се вознемирени од бугарските барања за преобликување на современиот македонски идентитет, јазик и историја.“ – вели политичкиот аналитичар Ивица Боцевски во својата анализа со наслов „Што е Украинец, а што Македонец?“, која ја објави весникот „Нова Македонија.
Боцевски пишува, покрај другото: „Македонскиот одговор на прашањето ‘Што е Македонец?’ е самиот темел на современата македонска државност. Нациите, поточно државите, се потпираат врз национална повест, врамена во националната историја, раскажана низ посебен национален времеслед и опеана во националните митови. Не постои друго сврзувачко ткиво на една држава.“
„Граѓаните имаат и рационален однос со својата држава, но и длабока емотивна врска, која оди од мавтање знамиња и пламено навивање кога игра националниот спортски тим, па до подготвеност да се облече униформа на сопствената земја и да се стави сопствениот живот на располагање на државата за нејзините цели.“
„Ние, Македонците се бориме за влез во Европската Унија, но единствено како земја каде што постои внатрешен македонски одговор на прашањето ‘Што е Македонец?’ и како ни се вика земјата. Сѐ друго е само брутална окупација на еден народ, независно дали доаѓа преку тенкови или преку пенкала.“
„Оставете ни нам, на Македонците, да си го градиме нашиот македонски одговор на прашањето ‘Што е Македонец?’, а идејата за Европа не заслужува тој да биде жртвуван, заради нечиј шовинизам и империјализам, особено не во овие нови историски околности на континентот.“ – заклучува Боцевски во својата анализа.
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/shto-e-ukrainec-a-shto-makedonec/





