Боцевски: Бугарскиот месар го гали јагнето-Македонија пред да го заколе

„Зошто Бујар Османи одбива да ги соопшти клучните точки од новиот договор со Бугарија?“ – прашува поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „ Македонско-бугарски договор – одамна го видовме касапскиот нож“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Боцевски пишува: „ Завчера министерот за надворешни работи ѝ соопшти на македонската јавност дека има документ, како основа за договор со Бугарија што е прифатлив за македонската страна. Македонија повторно се движи кон нова национална катастрофа и кон целосно разградување на секоја можна позиција, врз која државата е градена од 1944 година, па сè до денес. Касапот нежно го гали по главата кроткото јагне, умилно му зборува и го смирува пред најбрутално да го убие со страшниот месарски нож, скриен зад грб. Ете, тоа ѝ го прават повторно на Македонија.“

„Штом никој од нив нема ниту трошка храброст да излезе барем на затворена седница на Комисијата за надворешна политика на Собранието и да информира што договориле со Софија, тогаш јасно е што ни се подготвува – застрашувачки месарски сатар. Кукавичлакот на актуелната влада е толкав што никој од нив не се осмелува да излезе храбро пред јавност и да каже јасно и гласно кои се деталите на новиот договор со Бугарија. Новиот договор е толку лош, штетен и разорувачки за Македонија што самото објавување на нацртот ќе ја возбуди македонската јавност, ќе предизвика излив на потиснатиот гнев и ќе го оневозможи продолжувањето на натамошниот преговарачки процес со Бугарија. Затоа ништо не смее да објави во македонската јавност.“

„Говорот на омраза кон Македонија и кон македонскиот идентитет е официјална надворешна политика на Бугарија иако тие гласно обвинуваат за некаков антибугарски ‘говор на омраза’ во македонската јавност. Ако министерката за надворешни работи Захариева јасно и гласно каже дека ‘не постои македонски јазик на телевизија’, тоа не е говор на омраза. Но ако јас кажам дека сум Македонец, дека моите предци биле Македонци и дека мојот македонски јазик е различен од бугарскиот, тогаш тоа е ‘говор на омраза’.“

„Во една ваква вжештена атмосфера македонската Влада избира да си подигрува со некаков нов договор. Таа е во очај да дојде до долгопосакуваниот датум за почеток на ЕУ-преговорите и за да прикаже каков-таков успех, води кон ново национално предавство и прифаќање на срамните услови на официјална Софија. Тие ќе се обидат бомбастично да го најават договорот и потоа да следува вистинска канонада на поддршка за спогодбата од Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон и од другите центри. На крајот, ќе се прибегне кон замолчување на сета опозиција кон договорот во Македонија, преку навредување, омаловажување и оцрнување на отпорот, како некаква антизападна, антиевропска и проруска збирштина на губитници, луѓе што не умеат да го прочитаат духот на времето и како ‘оние од погрешната страна на историјата’.“

„Новиот договор со Бугарија е штетен за Македонија. Води кон бугаризација на земјата, ги загрозува внатрешната стабилност на Македонија и мирот во земјата, предизвикува меѓуетнички тензии и дополнително ја ослабува македонската држава. Преговарале за идентитетот, преговарале за македонскиот јазик и го нагрдиле со некаква налудничава дефиниција, а оставиле доволно простор за натамошно вмешување на Бугарија во образованието, културата и внатрешната политика на Македонија, во текот на преговарачкиот процес. Секако, договориле и промена на македонскиот устав, но не за вклучување на бугарското малцинство во Уставот, туку за проектирање на целиот македонски народ како бугарски.“

„Ќе ја поддржам секоја граѓанска иницијатива за искажување отпор против договореното, од пишувањето петиции и создавањето дополнителна гласност во македонската јавност, па сè до масовни протести пред Собранието и пред Министерството за надворешни работи. Одамна го видовме касапскиот нож… Нема да одиме немо во нова национална катастрофа!“ – предупредува Ивица Боцевски во својата колумна.

Интернет-врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/makedonsko-bugarski-dogovor-odamna-go-vidovme-kasapskiot-nozh/