Боцевски: „Апелот на шесте европратеници нема да ги ‘отвори’ преговорите со ЕУ – клучот останува во рацете на Бугарија“

„Европратениците Тонино Пицула, Тања Фајон, Изабел Сантош, Андреас Шидер, Дитмар Кестер и Деметрис Пападакис, речиси извикувачки во насловот на нивниот текст во ‘Еуобсервер’ ја предупредуваат ЕУ да се разбуди кога станува збор за Западен Балкан, но и дека ги прекршила ветувањата дадени на Македонија“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Разбуди се, Европо!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Павловска пишува: „Проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан сѐ повеќе паѓа во длабока сенка, поради геополитичкиот предизвик на воените дејства во Украина и сложените економско-енергетски односи на ЕУ со Русија. Сепак, актуелните тектонски геополитички поместувања, како и улогата на ЕУ во нив, не треба да бидат оправдување за неисполнетите ветувања на Унијата спрема регионот на Балканот, вклучувајќи и спрема Македонија. За ова гласно предупредуваат и шестмина европратеници во јавно писмо во европскиот медиум ‘Еуобсервер“.

„Колку пати ЕУ ѝ вети на Македонија…“

„Европратениците Тонино Пицула, Тања Фајон, Изабел Сантош, Андреас Шидер, Дитмар Кестер и Деметрис Пападакис пишуваат во своето писмо: ‘Гледањата за ЕУ како најголем сојузник на с.Македонија одеднаш паднаа од 43,2 отсто во 2019 година на 13,1 отсто во 2021 година, според Институтот за демократија ‘Социетас цивилис’. Една од причините за тоа се неисполнетите ветувања. ЕУ сè уште нема отворено пристапни преговори ниту со с.Македонија ниту со Албанија, иако постојано повторува дека двете земји направиле сѐ што баравме од нив за да ги започнат преговорите. Ги повикуваме шефовите на држави и влади на ЕУ конечно да ги отворат пристапните преговори со Скопје и со Тирана’.“

„Зошто клучот за Македонија во ЕУ и натаму да е во Софија?“

„Апелот на европратениците со призвук на предупредување до ЕУ во Македонија повеќе се восприема како сигнал дека во Брисел и во Стразбур сѐ уште има одредена грижа на совеста за неисполнетите ветувања за евроинтеграциите на земјава, како и на целиот регион. Но и натаму е голема резервираноста дека тоа може да предизвика поголем пресврт во придвижување на процесот на проширување.“

„Тоа е потсетување за ЕУ да не ги потисне од своите приоритети ветувања спрема Западен Балкан, под притисокот на новите геополитички предизвици. Но ваквите гестови, сепак, немаат влијание во донесувањето одлука за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. За таква одлука, сепак клучот и понатаму останува во рацете на Бугарија.’ – вели поранешниот амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/razbudi-se-evropo/