Блокада на Скопје: Вработените во судската администрација на протест побараа покачување на платите

Работниците излегоа на улица. Со барање за покачување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата, вработените во судската администрација денеска излегоа на протести во главниот град. Едниот протест го организира Независниот синдикат на судската администрација, а другиот Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани.



Независниот синдикат на судската администрација маршираше од Кривичниот суд до Министерството за финансии, а протестот на Синдикатот на УПОЗ почна од зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, продолжи пред зградата на Собранието и Министерството за правда, по што учесниците се упатија пред Владата.

Беа упатени барања за достоинствени плати и предупредија дека без нив судството не може да функционира.

Судската служба повторно е на улица. Пред почетокот на судската ферија само скопските судови излегуваа на двочасовен протест и побараа 78 проценти покачување на плата и враќање на додатоците на плата како што тоа го добија функционерите. Денеска членовите на Синдикатот на УПОЗ и други вработени од сите судови во државата се во Скопје. Луѓето што се тука собрани морале да се борат за секое право што го имаат добиено“, изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, на собирот пред ССМ.

Од 2.000 вработени во судовите во земјава, денеска 1.000 се во Скопје, порача Деаноски и кажа дека ова треба да биде доволна порака за надлежните да ги слушнат нивните барања.

По почетокот на денешниот протест, од Синдикатот на УПОЗ информираа дека денеска во 14 часот се повикани на средба во Министерството за правда, а по протестот дополнително ќе одлучуваат за идниот начин на дејствување – дали ќе штрајкуваат или ќе излегуваат пред судовите.