Близу 24.000 загинати, УНИЦЕФ предупредува на можна епидемија меѓу преживеаните во Сирија

Потврдениот биланс на загинати од најсмртоносниот земјотрес во регионот во последните две децении надмина 23.700 во јужна Турција и северозападна Сирија, четири дена по неговиот удар.



Се стравува дека илјадници се’ уште се под урнатините, а спасувачки екипи успеваат да спасат луѓе и по над 100 часа по земјотресот.

Стотици илјади луѓе останаа без покрив над главата и без храна во мрачните зимски услови, а лидерите на двете земји се соочија со прашања за одговорност.

На најмалку 870.000 луѓе итно им е потребна храна во Турција и Сирија по земјотресот што остави 5,3 милиони луѓе без покрив над главата само во Сирија, предупредија ОН.

„На сирискиот народ во моментов најмногу му е потребна чиста вода и храна“, рече Амар Амар од регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Блискиот Исток и Северна Африка.

Тој ја изрази својата загриженост дека по земјотресот постои сериозна опасност од епидемија во земјата.

„Се плашиме од епидемија што може да погоди милиони луѓе ако не дејствуваме сега“, изјави Амар за Ал Џезира.