Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги повика сите членки на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да го почитуваат налогот за апсење издаден од судот за рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Ројтерс.



Минатата недела судот го обвини Путин за воено злосторство за незаконско депортирање на стотици деца од Украина.

Правниот потег ќе ги обврзе *123 земји-членки на судот да го уапсат Путин и да го предадат во Хаг на судење доколку тој стапне на нивна територија.

„Мислам дека секој кој е странка во судот и има обврски треба да ги исполни своите обврски“, рече Блинкен на прашањето на американскиот сенатор Линдзи Греам за време на сослушувањето на Комитетот за доделување средства во Сенатот дали би ги охрабрил европските сојузници да го „предадат“ Путин.

Иако САД не се страна на МКС, американскиот претседател Џо Бајден во петокот рече дека Путин јасно извршил воени злосторства, додавајќи дека наредбата на МКС е оправдана.

Москва постојано ги отфрла обвинувањата дека нејзините сили извршиле злосторства за време на едногодишната инвазија на нејзиниот сосед, а Кремљ ја осуди судската одлука како „ништовна и неважечка“.

Ниту Русија, ниту Украина не се членки на МКС, иако Киев ја додели на Хашкиоит суд јурисдикцијата да гони злосторствата извршени на нејзина територија.

Трибуналот нема своја полиција и се потпира на земјите-членки за апсења.

Малку е веројатно дека Путин наскоро ќе ги посети непријателските европски земји, особено во светлината на налогот за апсење на МКС – одлука што наиде и на пофалби за застанувањето против Путин и на критики за потенцијалното затворање на дипломатските патишта за политичка резолуција, со која се става крај на борбите, пишува „Вашингтон пост“.