Блинкен замина наместо да разговара со Лавров, рече унгарскиот дипломат и порача да не се дели светот на блокови


„Се надевавме дека во овој прекрасен град Скопје, ќе ја искористиме предноста на присуството на нашите колеги од Русија и САД. Навистина се надевавме на директна комуникација, иако станува збор за луѓе со навистина набиена агенда. Жалиме што тоа не се случи. Иако веруваме дека таквата комуникација, директниот контакт ќе биде во корист за сите нас, за Европа и за сите луѓе кои сакаат мир” рече Сијарто.



Според него, Унгарија не сака повторно да биде губитник како во времето кога светот беше поделен на блокови. Наспроти повторна поделба на светот на блокови, тој рече оти како земја сакаат да видат глобална соработка.

„Ние, Унгарците страдавме од комунистички режим 40 години во свет кој беше поделен во блокови. Имавме угнетување од Истокот и имавме игноранција од Западот, и не сакаме да се вратиме во историска фаза кога повторно ќе бидеме губитници. Затоа, ве молам, не го делете светот на блокови повторно. Наместо блокови, сакаме да видиме глобална соработка” рече унгарскиот дипломат.