Американскиот државен секретар Антони Блинкен сака да разговара со својот руски колега, Сергеј Лавров и тоа, доколку се случи, би бил прв американско-руски разговор на највисоко ниво од почетокот на војната во Украина.
На прес-конференција во Вашингтон, Блинкен рече дека тема на телефонскиот разговор би било ослободување на американската кошаркарка Бритни Гринер и американскиот државјанин Пол Вилан од руски затвор. Двајцата, од аспект на САД, се неоправдано приведени.
„Уште пред неколку недели доставивме одредена понуда за да го олесниме ослободувањето“, рече Блинкен, без да даде детали, пренесува Дојче веле.
Блинкен изјави дека со Лавров сака да разговара и околу важноста на тоа Русија да се придржува до договорот постигнат со посредство на ОН за извоз на украинско жито.
Тој, исто така, има намера да го предупреди Лавров во врска со руските обиди за анексија на области во источна и јужна Украина.
Москва ладно одговори на предлогот од САД.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека нема официјално барање за таков разговор.
„Наместо да го користи ‘мегафонот’ за дипломатија, Вашингтон треба да се придржува кон дипломатската практика“, порача Москва.






