Државниот секретар на САД Ентони Блинкен и Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жосеп Борел со заедничла изјава го поддржаа францускиот предлог и повикаа македонскиот парламент да донесе одлука со која земјата ќе оди напред.
„Во овој критичен момент во европската историја, одбележан од неоправданата агресија на Русија против Украина, напредувањето на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ е клучно за зајакнување на кохезијата и отпорноста на целиот европски континент. Водени од заедничките вредности и ЕУ стандардите и бенчмарковите, двете земји се подготвени да го направат следниот чекор кон членство во ЕУ.
Го поздравуваме компромисниот предлог кој ги зема предвид интересите и грижи и на Северна Македонија и на Бугарија, врз основа на меѓусебна почит, доверба и разбирање.
Суверенaта одлука на парламентот на Северна Македонија ќе биде важна да се оди напред. Духот на конструктивниот компромис на кој е изградена европската интеграција треба да продолжи да ги инспирира сите вклучени во овој историски процес.
ЕУ и САД се посветени на поблиска соработка во Западен Балкан. Обезбедувањето стабилност и просперитет и преточувањето на нивната европска и евроатлантска иднина во реалност останува наша заедничка цел“, се вели во заедничката изјава на Блинкен и Борел.
Македонското Собрание засега нема закажано седница за предлогот, а тоа најрано би се случило идниот викенд, во недела, бидејќи од понеделник на дневен ред е ребалансот на буџетот.







