Со триумф од 4:0 над Казахстан во последната проверка во Скопје, фудбалската репрезентација на Македонија на најубав начин го најави своето деби на претстојното Европско првенство.
Резултатот го отвори Езгјан Алиоски од пенал во 35. минута, за рапсодијата во црвено-жолто да ја комплетираат Иван Тричковски во 57. минута, Милан Ристовски во 74. минута и Дарко Чурлинов две минути подоцна.
Помладиот брат на Стефан Ристовски ќе го памети дебито во националниот дрес, откако стрелаше прецизно со глава само осум минути откога влезе во игра во вториот дел, а и голот на Чурлинов е негов првенец за сениорската репрезентација.
Македонија во групата Ц ќе стартува на 13 јуни против Австрија во Букурешт, каде што четири дена подоцна ќе ги одмери силите и со Украина, а на 21 јуни ќе му излезе на мегдан и на еден од соорганизаторите на шампионатот и поранешен европски првак Холандија.






