Блажо Тодоровски, херојот-саможртвеник за Македонија во борбата со бугарските фашисти – пример за непокор и на денешното македонско поколение

Примерите на македонските херои – саможртвеници за слободата на Македонија и македонскиот народ се вистински светилници низ македонската историја како трајно вдахновение за секое македонско поколение, па и за ова денешно поколение. Дека оние што загинале во цутот на својата младост за татковината не смеат никогаш да избледнеат во колективното паметење на нацијата, туку оти мораат постојано да бидат следени како примери за непокор и бунт против секое угнетување и поробување на Македонците. Таков е и светлиот пример на бестрашниот Блажо Тодоровски – Чичето, народниот херој на Македонија, кој се самоуби на денешен ден, на 7 јуни во 1943 година, за да не падне жив во рацете на бугарскиот фашистички окупатор.



Блажо Тодоровски – Чичето е роден во селото Ресава во 1902 година во сиромашно семсјство. Немајќи средства, останува да работи на имотот како земјоделец, за да го прехрани многубројното семејство. Чичето бил по природа бунтовен и неустрашлив, па се борел против неправдите уште во старото Кралство на Југославија под српската хегемонија. Живеејќи во крајна сиромаштија  тој многупати имал прилика да ги почувствува сите неправди, коишто му се правени на македонскиот народ. Тоа била и главна причина, за да го посвети својот живот на ослободувањето на народот од сите угнетувања.

Неговиот бунтовен дух се покажал уште во периодот на српската окупација на Македонија во Кралството Југославија. По капитулацијата на кралска Југославија и откако настапила новата бугарска окупација на Македонија, се поврзал со партиската организација во Кавадаречко. Во летото 1941 година станал член на КПЈ. Во декември 1942 година ги примил партизаните од разбиениот Велешки одред, а во април 1943 им се приклучил на партизанските групи кај Полошкиот манастир во Тиквешко, од кои е формиран Тиквешкиот одред Добри Даскалов. Бил избран како негов заменик-командант.

Од самиот почеток на бугарскатата окупација во 1941 год во Македонија Чичето веднаш започнува со собирање оружје и материјали за претстојното востание на македонскиот народ против бугарските фашисти и окупатори. Поради тоа крстосува низ селата на Тиквешијата особено пред исфрлањето на одредот “Добри Даскалов”. Во овие негови активности постигнува голем успех: формира групи за прифаќање на илегалните кадри и нивно префрлање во македонските оружени формации за борба против Бугарите.

Во мај 1943 год Блажо Тодоровски – Чичето се наоѓа во првите редови на одредот “Добри Даскалов”. Заради прекаленоста и искуството уште против српските административно-полициски структури, но веќе и против новите бугарски окупатори, Блажо Тодоровски како заменик-командант  на одредот уште од неговите први борби е постојан пример за храброст и двигател на моралниот и борбен дух кај борците на македонскиот отпор во Тиквешијата.

Особено е запамтен по херојските подвизи во битките кај селата Ресава, Гарниково, Бојанчиште и Драдња. Подготовките по селата, низ кои претходно крстосуваше и создаваше силни народни ќелии за македонската герилска помош, се докажаа во најсилно светло. По сите села на Тиквешијата македонските борци беа прифаќани и помагани со се што поседуваше македонскиот народ: од оружје и лекувања, храна, облека и др. Во тој период во Тиквешко Чичето станува и омилен меѓу народот како „добриот чичко Блажо“.

Во јуни 1943 година одредот добил задача да изврши напад врз стационираните бугарски сили во селото Никодим. Командант на ударната јуришна група е токму Чичето. На чело на групата тој успешно го води нападот, нанесувајќи му тешки загуби на бугарскиот окупатор. Сепак, во тие жестоки престрелки и судири, тој е тешко ранет и останува отсечен. Но и во таква состојба дава жесток отпор.

Кога муницијата му привршува, сам се убива, не дозволувајќи му на душманот да се гаври со него. Исто како што постапувале и смелите македонски војводи и револуционери во епските битки со турската војска во Илинденскиот период. Неговата смрт болно одекнала низ Тиквешијата. Во знак на признание за долгогодишната  револуционерна борба против разните поробувачи на Македонија, прогласен е како народен херој на Македонија на 11.X.1953 година.

Подготвил: Свето Тоевски