Блажевска: ЕУ едно рекламира во “излогот”, а друго нуди во “продавницата”

Почеток на преговори со одложено и условено вето (прво Бугарите во Уставот) после се друго, не само што нема да не доведе до реални преговори, туку ќе ја засили внатрешната фрагментација во земјава, а потенцијалот за подобрување на односите со Бугарија ќе го сведе на нула.



И Хрватска е членка на ЕУ,  ама не не условува со впишување на Хрватите во Уставот, бидејќи е јасно дека тоа е чин кој ќе се случи по сила на пријателски односи и соработка, а не по сила на уцени од позиција на моќ. Во тоа е разликата, пишува новинарката Катерина Блажевска за порталот „Призма“

Вака излегува дека тоа што ЕУ го рекламира во “излогот” не се совпаѓа со она што го нуди во “продавницата” во односот кон нас. Еднаквиот третман треба да биде отсликан и гарантиран со преговарачката рамка, а не со вербални изјави

Не верувам дека во ЕУ се слепи за овој факт, но впечаток е дека напорите да помине францускиот предлог имаат еден себичен мотив: формално да штиклираат “успех” во ветувањето за проширување. Тоа што успехот ќе биде килав, само им гарантира дека ќе поминат многу, многу години, пред реално проширување со нови членки. Споровите кои се вградени во процесот на преговарање се клучна гаранција дека ние како “нови клинци” ќе имаме неограничен престој во вежбалната на европското преддворје.

И волкот сит, и овците на број“, пишува Блажевска и додава:

„Нема да ми биде жал, ако бидеме блокирани, на пример, заради отсуство или несоодветна битка со криминалот и корупцијата, бидејќи тоа е круцијално важно за нашето општество.

Но, до тие теми практично нема ни да стигнеме, бидејќи целата енергија и внимание примарно ќе бидат насочени кон алиментирање на бугарски барања – за минатото, а не во исполнување на  критериуми – за европска иднина“.