Во Стопанската комора се одржа работна средба на претседателите и потпретседателите на Регионалните комори при Комората
Стопанственците во земјава укажуваат дека драстичниот раст на цените и нивниот недостиг, вклучително и цените на енергенсите, како и руско-украинскиот конфликт што дојде во продолжение на Ковид кризата, предизвика неизвесност и непредвидливост и се заканува со нарушување на ликвидноста на компаниите, па и нивно затворање и отпуштања на вработените. Ова е, најопшто, една од клучните констататаци на работната средба што се одржа денес во Стопанската комора на Македонија, на која учествуваа претседателот на Комората, Бранко Азески, и претседателите и потпретседателите на Регионалните комори при Стопанската комора од Битола, Прилеп, Кавадарци, Штип, Струмица и Кичево.
На средбата, претставниците на Регионалните комори ги изнесоа видувањата и сознанијата за состојбите во компаниите од регионот кој го претставуваат и согласно анализите направени во Комората по сектори се отвори дискусија за секој од проблемите.
За компаниите членки на Комората независно на кој регион припаѓаат, најголем проблем е скапата струја поради што сметките им се зголемени и до три пати, а поскапувањето и на нафтата ја зголемува цената на транспортот, што доведува до драстичен пораст и на крајната цена на производот. Фирмите едногласно бараат брзи постапки на локално ниво за инвестиции во фотоволтаици со кои ќе супституираат дел од скапата увезена струја, субвенционирање на компании кои произведуваат стратешки производи – производители на основни прехранбени производи, и поддршка на енергетските домашни компании за поголемо производство на електрична енергија од домашно производство како би се обезбедила поевтина струја за стопанството.
Така, како што беше посочено, ако некои компании плаќале по 800.000 денари струја, сега плаќаат два милиона денари, додека има и такви чии сметки биле по 100.000 евра, а сега се 300.000 евра и застануваат со производство.
„Знаете како оди постапката за издавање дозволи за фотоволтаици пред административните органи. Со прогласување поинаква, кризна ситуација, Владата може да го зајакне секторот, да направи нешто што би им помогнало на компаниите побрзо да дојдат до дозволи, да можат да се приклучат на системот пред доаѓањето на зимата кога енормно ќе им се зголемат трошоците. Приоритет би ставиле на ова прашање зашто би дало најбрзи ефекти. Тука ќе бидат убедувањата во наредниот период“, потенцира Азески.
Во делот на градежништвото, рак рана останува проблемот со веќе склучени подолгорочни договори преку системот на јавни набавки со фиксни цени, што ги прави проектите неодржливи и води до колапс на градежните фирми пред се во нискоградбата како стожер на градежниот удел во домашната економија. Проблемот со јавните набавки е проблем и за компании од останатите сектори (прехранбениот, метална и електро индустрија и сл.). Од регионалните комори укажуваат дека тековни проблеми со сериозни долгорочни последици има во секој сектор.
По опсежната дискусија, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески констатираше дека ова не е време ниту за промена на стратегии, туку е време на преживување. Никој не може да предвиди што ќе се случи со цената на гасот и енергенсите ако продолжи руско-украинскиот конфликт, никој не знае ни колку ќе трае, а тоа доведува до тешка неизвесност. При тоа посочи дека Владата може да го зајакне секторот, да направи нешто што би им помогнало на компаниите побрзо да дојдат до дозволи за инвестирање во фотовголтаици, да можат да се приклучат на системот пред доаѓањето на зимата кога енормно ќе им се зголемат трошоците. Приоритет би ставиле на ова прашање зашто би дало најбрзи ефекти и тука ќе бидат убедувањата во наредниот период. Можно е фирмите да почнат да се откажуваат од инвестициските активности, што носи кон пад на економската активност.
„Излезното решение е да и помогнеме сите на државата, но да видиме дека и државата сака да си помогне себе си. Само партнерски може да се надминат проблемите“, вели Азески.
„Сега треба да се свртиме кон капиталот, кон кој работникот е составен дел и треба да се каже дека со скромна поддршка може да остварат најголеми ефекти“, констатира претседателот на Стопанската комора. Истовремено порачувајќи дека заради некаква сигурност на бизнисот во следниот период државата мора да предвиди стабилна даночна политика.
Комората предупредува и дека допрва следува одливот на работна сила кон туристичките дестинации во регионот и пошироко, што ќе биде дополнителен проблем за бизнисот и причина за ослабнување на нашиот пазар. Капиталот, е оној што во овој момент може да успее заедно со административните институции да ја надмине кризата.
Линк до целиот текст.







