Наместо на пат, камионите ќе останат паркирани поради неажурноста на институциите. Транспортерите се револтирани поради доцнењето на налепниците „НМК“, кои, како што велат, ги нема ни за лек кога им се најпотребни. Проблемот ќе биде уште поголем оти ќе создаде криза во транспортот на стоки во земјава, алармираат превозници за МТВ.
„Огромен проблем е за нас како транспортери и како стопанство, како и за самите граѓани што ќе треба да ја напуштаат државата, бидејќи не може да дојдат до налепници. Предупредувавме дека вакво нешто може да се случи и тоа на неколку нивоа. Испративме и допис до МВР пред околу два месеци, меѓутоа немаше никаков слух од таму. Веќе од денеска имаме голем проблем. Транспортерите се соочуваат со проблеми, а некои од нив сами изработувале налепници само да можат да преминат граница“, вели Зоран Дионисијев-транспортер.

Транспортерите велат дека нивниот бизнис трпи поради негрижата на државата. Транспортерите и компаниите кои вршат превоз на стока и патници се во паника дека нема да можат да ја завршат постапката за сите возила.
Се уште нема абер кога ќе стигнат налепниците со „НМК“ ознаката за регистерските таблички. Осум месеци откако Владата заклучи дека наместо да се менуваат, на возилата ќе се ставаат налепници, процесот се уште не е готов. Рокот за промена на таблиците исто како и за личните документи беше 12 февруари, но иако налепниците ќе може да се подигнат и по тој рок.

Сепак доколку граѓаните тоа не го направат до 12 февруари, ќе значи дека веќе од 13-ти февруари нема да може да ја напуштат државата со старите таблици со ознака „МК“. Ова ја зголемува нервозата и кај транспортерите, бидејќи тоа им го загрозува бизнисот.
Проценките се дека над 30.000 македонски транспортери треба да ги заменат регистарските таблички и да ја вметнат ознаката „НМК“, но тие треба да средат и друга документација.





