Првиот амбасадор на Бугарија во Скопје, Ангел Димитров, ќе биде шеф на бугарскиот дел од заедничката комисија со Македонија за надминување на спорните прашања од историјата меѓу двете земји, а составот денеска го одобри Владата во Софија.
Заменик на долгогодишниот дипломат и историчар, кој по Скопје амбасадоруваше и во Белград, ќе му биде историчарот Наум Кајчев, бивш генерален конзул во Битола и во Торонто, сега член на софискиот Македонски научен институт.
„Сфаќам дека со колегите од Република Македонија ќе имаме тешки разговори. Се надеваме дека нивниот состав на комисијата е избран така за да даде шанса за нормален тек на разговорите. Од наша страна ние ќе ја демонстрираме добронамерноста што го одликува Договорот за пријателство и добрососедство“, изјави Димитров.
Комисијата од бугарска страна ја сочинуваат уште Момчил Методиев, главен уредник на „Христијанство и култура“ и бивш дипломатски службеник во Министерство за надворешни работи, потоа Иван Илчев, бивш ректор на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, Даниел Вачков, директор на Институт за историски истражувања при Бугарска академија на науки (БАН), Кирил Топалов, бивш амбасадор на Бугарија во Ватикан и познат писател и професор по бугарска преродбенска литература, како и Бони Петрунова, археолог и директор на Национален историски музеј.
Потпретседателката на Владата и шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева соопшти дека првиот состанок на комисијата ќе се одржи во Софија и оти останува да се подготват правилата за нејзината работа, механизмите, тематските кругови и прашањата.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и за образовни прашања треба да придонесе за „објективно и засновано на автентични историски извори научно толкување на историските настани“ и извештај за својата работа ќе поднесува еднаш годишно до владите на двете земји.




