Управниот одбор на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола под чија капа е „Мал битолски Монмартр“ ја отфрли понудата на Министерството за култура да го преземе фунцкионирањето на светскиот бренд.
Велат дека со предлогот се чувствуваат понижени. Не сакаат политичко обојување на проблемот со кој се соочува Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска вчера објави дека Министерството за култура го презема функционирањето на „Мал битолски Монмартр“.
Претходно, на социјалните медиуми беше објавен апел за спас на „Мал битолски Монмартр“, по одлуката на министерството за образование по 40 години, да ги стопира финансиските средствата за Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола, а со тоа и култниот светски бренд „Мал битолски Монмартр“.
Управниот одбор на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола донесе едногласна Одлука со која децидно ја одбива понудата на министерката за култура.
Управниот одбор смета дека е несериозно светскиот бренд „Мал битолски Монмартр” да стане дел од Центарот за култура Битола како национална установа, а Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола да продолжи со аплицирање кон проекти.
Тоа е крадење на мала врата на трудот и вредностите кои Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола ги стекнало низ 41 година. Тоа е срамен предлог а не решение на кое треба да помисли министер кој доаѓа од Битола. Ние со предлогот се чуствувамe понижени, велат од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“.
– Во нашата установа право да обојуваат имаат само децата , сѐ друго е политичко профитерство за евтини партиски поени! – велат од УО.
Преку социјалните мрежи соопштуваат дека управниот одбор донел одлука со која се прифаќа финансиската поддршка за плата и трошоци до крајот на годината понудена од страна на Општина Битола.






