Советникот од граѓанската иницијатива Поинаку, Иван Чулакоски, на седницата на Совет на општина Битола од говорница го употреби терминот ,,лајна” говорејќи за проблем на една улица во градот што предизвика вистинска дебата околу употребата на јазикот во дискусии за комунални проблеми , пренесува СакамДаКажам.



„Ќе бидам малку вулгарен, извираат лајна, ќе извините сите, мислам дека е срамота за еден град како Битола да имаме фекалии по улиците и да смрди. Знам дека се обидовте да го исчистите, но таму проблемот е сигурно поголем. Така што, мислам дека посовреме треба да се реагира дури не се искакаме сите“, рече Чулакоски од советничката говорница.

По реакцијата на Методоја Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ, кој рече дека со ваквиот речник се навредуваат и советниците и граѓаните, Чулаковски со контрареплика:

,,Ако помеко и покултурно ви звучи ќе речам – фекалии”, возврати Чулакоски, додавајќи ,,реков и ќе повторам уште еднаш лајна оти е срам во 21 век низ улица да течат фекалии”, пренесе СДК.