„Потребна е заедничка стратегија на сите албански политичари во земјата, за да се стаса до до уставната формула, според која ‘* Македонија ќе стане држава на Македонците и Албанците и другите граѓани на земјата’. Заради тоа, ќе мора да се наметне одредба во уставот, според која за уставот и другите закони ќе се бара и гласот на две третини на албанските пратеници. Исто како што со планот на Ахтисари е наметнато гласањето на Србите и малцинставата во Косово.“ – вели д-р Енвер Битиќи, професор по политичка историја и меѓународни односи во Универзитетот „Александер Мојсиу“ во Драч, и извршен директор на Институтот за студии на Југоисточна Европа во Тирана, Албанија. Овие ставови Битиќи ги изнесе во својата колумна, со наслов „Изборот на Талат Џафери како албански премиер ја легитимира праведната борба на УЧК во 2001 година!“,која ја објави влијателниот косовски весник „Бота сот“.
Ставовите на Битиќи во оваа колумна треба да бидат проследени со соодветно внимание од македонските политички партии и од македонските политичари. Како политички публицист тој е и автор на студијата „Присилната дипломатија на НАТО во Косово“. Битиќи токму во споменатата своја колумна говори дека е „потребно да се наметне, што ќе значи и присилно, како и со планот на Ахтисари за Косово, во „меѓународна режија“ Македонија уставно да се редефинира како „македонско-албанска држава“. Дали Битиќи кажува само свои мислења, или можеби пренесува ставови и од одредени „повисоки меѓународни нивоа“, кои имаат одредени планови во врска со Македонија?
Покрај другото, во својата обемна колумна професорот Битиќи уште пишува: „Албанската политика во * Македонија веќе здоби вештини да управува со државата * Македонија. Време е Албанците конечно да станат политички чинители, кои ќе ја наметнуваат дневната политика, а не само да се задоволат со позицијата премиер на техничка влада. Тие имаат можност да наметнат избор на албански и македонски претседател со ротација, но не со политички договор. Тоа треба да се постигне со зголемување на бројот на албански пратеници, кои ќе имаат можност да ги блокираат уставните измени и усвојувањето важни закони. Само на овој начин Албанците ќе станат политички чинители, кои ќе наметнуваат политика.“
„Изборот на албански премиер на една техничка влада во * Македонија не е историски настан. Успех во албанската историја во * Македонија би било кога сите албански политички сили би се обединиле во коалиција и кога би го максимализирале гласот на Албанците до најмалку 40 отсто од пратениците избрани во парламентот. Сè додека една албанска политичка група е поврзана со македонската позиција, а друга албанска група за македонската опозиција, гласовите на Албанците ќе бидат фрагментирани и ќе одат за македонските партии, особено за социјалдемократите. Сето ова го намалува бројот на албански пратеници во земјата.“
„Изборот на Талат Џафери како албански премиер ја легитимира праведната борба на УЧК во 2001 година! Неговиот избор на чело на владата им чини чест на Албанците насекаде каде што живеат, но им чини чест и на Македонците, кои, прифаќајќи го Џафери како албански премиер, конечно прифатија дека била праведна и легитимна борбата на Албанците во 2001 година за еднакви права!“





