Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, изјави дека Регулаторната комисија за енергетика знае кои се 17-те корисници кои трошат третина од целата струја која се продава на регулираниот пазар во Македонија.
Според него, земјата ќе се справи со овие корисници така што го воведува предложениот модел на тарифи, пишува Локално.
„Секако, тоа не сме ние како домаќинства. Ако се во функција на производство, не треба да бидат на регулиран пазар. Тоа значи дека земаат струја од секое едно домаќинство и прават штета на другата страна. Ги знаат во РКЕ.
Ќе се справиме со нив така што, со тарифниот модел кој што го воспоставуваме, автоматски ќе излезат од регулираниот пазар. Тоа значи дека ќе ни се ослободи 20 отсто од струјата, за да ја ставиме во функција на стопанството“, рече Битиќи.







