Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, за ТВ 24 објасни зошто се изјалови надежта на Владата за набавка на електрична енергија од Бугарија по пониски цени од берзанските.
„Од тие информации што ги имам, не се договорија. Ете, Бугарите кажаа дека не можеле од Бугарија да дојде електрична енергија по цена којашто е различна од берзанската. Лично мислам дека Бугарија можеше да помогне во тој дел и да даде електрична енергија по цена којашто ја баравме – колку што читав, меѓу 150 и 200 евра за мегаватчас, а тие, неофицијално, ја нуделе за 400 евра. Е па, им благодариме многу за 400 евра. Нека си ја чуваат, не ни треба! Си ја купуваме ние за 400 евра. Ја купувавме“, изјави Бислимовски.
„Имаше начин Бугарија да ни ја даде таа електрична енергија по цена којашто не е поврзана со берзанската. Бугарија во 2021 година извезе 9 милијарди киловатчасови. Нашата вкупна потрошувачка, со загуби, со сè, цела држава, ни е 7 милијарди киловатчасови. Ние им побаравме од тоа што извезле 2 проценти по една нормална цена. В ред, не сакале – не сакале. Тие си знаат што прават“, додаде првиот човек на РКЕ.






