„Бисери“ во македонските капитулации со Бугарија

(Договорот и првиот протокол)



Во пресрет на Илинден, на 1 август 2017 година, потпишан е договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов. Датумот е намерно подметнат од бугарска страна, за постапката да се поврзе со нашиот светол празник и, нели, со заедничката историја. Времето апсолутно потврди дека е тоа триумф за Бугарија и историски пораз за Македонија.

Еве ги македонските „бисери“ во овој договор.

1. Каков договор за пријателство може да се потпише со некого кој смета дека не постоиш како посебен народ, дека немаш свој јазик, историја…? Ако Софија те игнорира и присвојува, основно е да се претпостави дека тие мора да имаат специјални намери и планови за да потпишат ваков договор. Сигурно не го прават тоа за да те признаат и прифатат. Во тоа целосно и се уверивме. Се потврди дека, барем за нас, договорот е за (не)пријателство.

2. Со некој што отворено те понижува, не се потпишува ниту договор за размена на филмови, камоли за некакво пријателство. Овој договор е одличен “„бисер“ на нашите утнати, забегани и крајно неодговорни “политичари“.

3. Во договорот се повикува на – „заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи“. Прво, во никој случај не смее да се прифати термин „заедничка историја“. Второ, нашите аматери морале да инсистираат на – „и двата народа“. Користената формулација – „нивните народи“, целосно се вкопува во бугарските аспирации, дека сме еден исти етникум. Бугарски. „Два народа“ е сосема друга работа.

3. 1. Така е, особено, кога сите знаеме дека Бугарија отворено тврди дека Македонците се Бугари, дека јазикот им е дијалект на бугарскиот, а историјата е заедничка. За тоа, со фалсификувани документи, Софија постојано го известува светот, а ние молчиме. Тоа е класично присвојување на македонскиот народ со отворени територијални претензии.

3. 2. Нема случај во светската историја, ниту е можно, два народа да имаат заедничка историја. Или се два народа, со свои, или еден, со заедничка. Софија официјално тврди дека сме еден народ, во две држави. Впрочем, што да каже Турција, по пет века османлиска доминација?

4. Договорено е формирање на – „Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на договорните страни“.

4. 1. Ова е класичен „бисер“ на политички аматери, со долгорочни и несогледливи последици за македонизмот. Надвор е од умот да формираш ваква комисија со Софија, којашто отворено тврди дека историјата е заедничка или, поточно – нивна. Се прашал ли некој од нашите капитуланти – а, што може да се очекува од една ваква комисија? Дали е можно таа реално да ја валоризира нашата историја? Особено во ситуација кога Софија ги диктира нашите услови за влез во ЕУ, а ние сме ем беспомошни, ем некадарни да се браниме? Комисијата е апсолутен бугарски интерес, целосно неприфатлив и штетен за Македонија.

5. Македонија се откажува од грижата за Македонците во Бугарија. Инаку, универзално право на матичните држави е да водат сметка за „статусот и правата“ на своите малцинства во соседните држави.

6. Договорот е потпишан – „на македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија“. Истата формулација е и за бугарскиот јазик, ама тоа нема никакво значење бидејќи не е од никого оспоруван. Нашите неписмени политичари, и тоа не за прв пат, потпишуваат дека македонскиот јазик не е автохтон, не е изворен, туку произлегува од Уставот.

6. 1. Тоа е тешка национална капитулација. Самите си го игнорираме јазикот. Македонија има своја современа држава, и устав, од 1944 година година. Ако сме потпишале дека македонскиот јазик произлегува од уставот, тоа експлицитно значи наша согласност дека пред 1945 година, кога немало македонски устав, немало ниту македонски јазик. Многу просто, зарем не? Точно тоа го тврди и бугарската политика дека – постоиме од 1945 година, како измислица на Тито. Со оваа безумност, им дадовме и потврда.

7. Во договорот за (не)пријателство воопшто не се спомнува внесување на некакви Бугари во нашиот Устав, а тоа е сега главно барање не само на Софија туку и на Брисел. Таа будалштина е резултат на вториот протокол. За тоа, подоцна.

* * *

Ова е само почеток на македонските „бисерни политички патеки“, коишто неизбежно нѐ водат во длабок амбис.

Според договорот за (не)пријателство, член 12 – „Заедничка меѓувладина комисија ќе одржува редовни средби еднаш годишно, заради преглед на ефективната примена на овој договор…“. Ќе ја водат министрите за надворешни работи. Тогаш ќе се потпишуваат и протоколи. Засега, оваа обврска не се спроведува доследно. За шест години, имало две средби.

Арно ама, во преговарачката рамка (член 5), се вели дека мора да се спроведуваат и – “годишните протоколи“, значи сите коишто ќе следуваат а тоа, главно, ќе бидат извештаи од Историската комисија! Ќе се регистрира што и колку сме капитулирале на историски план! Ако не се однесуваме според бугарските очекувања, ќе следува нивна – блокада!

Првиот состанок меѓу владите на Македонија и Бугарија, одржан е во Софија, на 10 јуни 2019 година. Тогаш министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Екатерина Захариева, го потпишаа и првиот протокол.

Целата колумна на амбасадорот Ристо Никовски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/biseri-vo-makedonskite-kapitulacii-so-bugari-a-1/