Бисера се жали од Данела: Не кажува до каде е состојбата со Универзална

Морам да апелирам дека Град Скопје е влезен во најтесниот круг за добитник за наградата „Европска престолнина за култура“ за 2028 година. Апелирам проблемот со Универзална сала да се реши. Ќе иницирам нов состанок со градоначалничката бидејќи мораме заедно и Град Скопје и Влада да работиме на таа апликација и програма затоа што е од национален интерес, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција во Владата.



Таа се пожали дека нема никаква повратна информација од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска за Универзалната сала и до каде е состојбата со градежните активности, откако неодамна имаа средба заедно со министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.

Министерката истакна дека како Влада понудиле помош и извести дека после празниците ќе побара да се одржи уште еден состанок со Арсовса.

На 16-ти ноември годинава Пенов информира дека имаат комплетна согласност од градоначалничката Данела Арсовска за Универзална сала целосно да ја преземе Министерство за култура. Сепак истиот ден, Градот Скопје соопшти дека околу ова прашање Градот ќе изјасни откако ќе добие официјално барање од министерството.