Некогашниот премиер, а подоцна и министер за надворешни работи на Шведска, Карл Билт, се заложи Србија да не стане членка на Европската унија поради нејзината одлука да не ѝ воведе санкции на Русија, иако го почитува територијалниот интегритет на Украина.
„Со ваквата позиција, Србија дефакто се дисквалификува себеси од пристапниот процес во ЕУ. Не би требало да има место за нови членки на ЕУ што не ги делат нашите фундаментални вредности и интереси“, прокоментира на Твитер копретседавачот на Европскиот совет за надворешни односи над објавата од холандскиот новинар Михаел Мартенс: „По повеќедневно колебање, Србија зазеде став за Украина. Основна порака: Нема санкции за Русија. Србија ќе биде сигурно засолниште за Путин и за неговата криминална елита. На рускиот агресор му е дозволено да продолжи со водењето бизнис преку неговиот српски сојузник. Наскоро повеќе“.






