„Билд“: Албанија и Македонија во ЕУ? Човек да не поверува

Германскиот таблоид „Билд“ не може да се изначуди на препораката на Европска комисија за почеток на преговори со Албанија и со Македонија.



„Комисијата на ЕУ сака да прими две нови балкански држави, Албанија и Македонија. Човек да не поверува. Покрај отсуството на свест за сопствените грешки и без врска со реалноста, тоа е и застрашувачки наивно. Веќе денес ЕУ не функционира како што треба. Дваесет и осумте земји-членки се премногу различни, а нивниот заеднички именител често е премал за големи проблеми. Романија и Бугарија се две земји што се примени, а не беа подготвени за тоа. Но, на крајот на долгите преговори, никој не смееше да ја повлече сопирачката за случај на опасност“, коментира заменикот на главниот уредник Николаус Бломе.

„Бриселските технократи на проширувањето во тоа можеби ја гледаат смислата на своето постоење. Но, пристапите не смеат да бидат самите по себе цел. Штета трпи Европа: сè повеќе се луѓето што престануваат да веруваат во таа прекрасна идеја бидејќи таа станува произволна, прекумерно натегната и одвнатре неспособна да ги решава проблемите на граѓаните“, додава тој.