Киев има рок до есен да ги врати териториите заземени од Русија или Западот ќе го притисне на разговори со Москва, тврди германскиот магазин „Билд“.
Западните поддржувачи на Украина размислуваат за наметнување ултиматум на Киев во врска со потенцијалните разговори со Москва, објави денеска таблоидот, цитирајќи анонимни владини извори во Вашингтон и во Берлин.
Со нови испораки на оружје, САД и нивните сојузници сакаат да му дадат на Киев поттик за да се обиде да ги врати териториите заземени од руските сили, тврди „Билд“, додавајќи дека Западот сака да види резултати во овој поглед до есен.
„Доколку контраофанзивата пропадне, притисокот врз Киев да преговара со Кремљ ќе се зголеми“, пишува весникот.
Претходно, „Волстрит журнал“ објави дека Велика Британија, Франција и Германија наводно му понудиле на Киев оружје и безбедносни обврски според планот кој има цел да го натера Киев да преговара со Москва. Американскиот медиум минатата недела тврдеше дека Лондон, Берлин и Париз наводно биле подготвени да понудат безбедносни гаранции само помалку од членството во НАТО.
Според „Билд“, сепак, условите не биле толку дарежливи.
„Европејците и САД не можат и не сакаат да ѝ дадат на Украина тешки безбедносни гаранции, како што е членството во НАТО во моментов“, изјави за таблоидот германскиот пратеник Норберт Ротген, кој претходно беше на чело на Комитетот за надворешни работи на Бундестагот.
Кабинетот на германскиот канцелар Олаф Шолц, исто така, во неделата соопшти дека потенцијалните безбедносни гаранции на НАТО „не играат никаква улога“ во дискусиите меѓу трите членки на блокот. Берлин ниту директно го негираше ниту го потврди постоењето на планот за преговори, додаде „Билд“.






