„Длабоко повредени од непристојноста и од богохулното исмевање на Божествената Личност на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, воедно и на Сечесниот Крст, на т.н. Вевчански карневал, гласно повикуваме на јавно извинување од организаторите и од учесниците во тоа несреќно светогрдие, како и на превенирање на слични случувања во иднина, се вели во реакцијата од Бигорскиот манастир откако вчера беа исмеани Исус и христијанскиот симбол – крстот.
„Се сеќаваме дека кога во минатото токму на овој карневал се случи поигрување и со чувствата на верниците од исламска вероисповед, што предизвика бурна реакција на муслиманите во Македонија, се воспостави една своевидна практика да се избегнуваат маски со содржини коишто ќе предизвикуваат навреда кон верските чувства – нешто што како апел беше упатено и од општинската власт во Вевчани.
Оттука, се прашуваме зошто, имајќи го предвид негативното искуство од минатото, сега некој решил да ги злоупотреби и христијанските симболи, и тоа на еден најпонижувачки и најнедостоинствен начин? Секако, според нас, поигрувањето и исмевањето со верските чувства на која било верска деноминација е злодело за кое се одговара не само пред Божјиот, туку и пред државниот суд.
По овој немил повод, би сакале повторно да напомнеме за карактерот на овие световни манифестации, со коишто на еден потполно туѓ на нашиот менталитет начин, се одбележува споменот на Св. Василиј Велики и почетокот на Новата година според Јулијанскиот календар“, се вели во реакцијата од Бигорскиот манастир, објави Фактор.
Со тапани, десетици маскирани жители и сатирични пораки – помина дефилето на маски на Вевчанскиот карневал, на кој, како што беше најавено, требаше да биде откажан „забавниот дел“ поради трагичната смрт на нивниот сограѓанин, 19-годишниот Милан Муковски, син на експратеникот Крсто Муковски.
„Претстава“ сепак имаше, а граѓани реагираа бурно на социјалните мрежи.
Покрај традиционалните маски како зетот, невестата, ѓаволот, како и секоја година кога актуелните шегите кои секоја година се во фокусот – премиер овде имаше со случувањата во М-НАВ, годинава во Вевчани вниманието го привлече маската според многумина е навредлива: Исус како влече крст од пивски гајби.
„„До ова ли дојдовте!? Да Го исмевате Оној, Кој заради нас беше распнат и крстот за потсмев да го користите!?“, „Прости им Боже, не знаат што прават!“, „Сквернавење на свети симболи и повреда на верски чувства треба исто така да подлежи на казни и санкции“, се само дел од коментарите на ФБ.






