Професорот на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, по повод иницијативата Отворен Балкан изјави дека идејата за регионална соработка не е лоша, но дека има проблеми бидејќи не се вклучени сите земји од Западен Балкан.
„ Идејата за регионална соработка не е лоша, секаков вид соработка е добредојдена, но има проблеми, бидејќи не се сите вклучени, а без целиот Западен Балкан соработката е проблематична“ изјави Бибер за Н1, како што пренесе „Независен“.
Тој оценува дека друг проблем е и прашањето за намерите на лидерите кои ја формираа, особено (албанскиот премиер Еди) Рама и (српскиот претседател Александар) Вучиќ, рече Бибер, додавајќи дека проблемот е што не е јасно кој ќе доминира и зошто има нова рамка ако веќе постоеле рамки за соработка.
„Берлинскиот процес имаше своја предност бидејќи ги вклучи членките на ЕУ и тоа е многу важно“, додаде тој.
Според него, има сомнежи дека нивните мотиви навистина се регионалната соработка и добрососедските односи.
„Гледаме преку нивните постапки дека ги креваат тензиите во регионот, во таа смисла не можам да верувам дека се за добра соработка.
А, намерите се повеќе пропаганда, да се продаде на Запад – добри сме, ние сме партнери и со тоа одвраќање од клучните проблеми – недостигот на демократија и владеење на правото, рече Бибер. (Независен)







