Ако Европски совет на својот самит в четврток и в петок во Брисел не донесе одлука за почеток на преговори со Македонија за членство во Европска унија, референдумот за договорот со Грција за името наесен нема да успее, смета Флоријан Бибер, шеф на Центарот за југоисточна Европа на универзитетот во Грац.
„Тоа би значело безмалку убивање на компромисот во врска со името, кој го постигнаа Македонија и Грција. Тешко е да се замисли дека резултатот на референдумот за името ќе биде позитивен, ако ЕУ не го награди постигнатиот договор“, изјави тој за австрискиот весник „Стандард“.
„Тоа би бил тежок удар за реформската политика на Балканот“, додава Бибер, според кој со тоа „Франција би станала нова Грција за Македонија“. „Владата на претседателот Емануел Макрон до европските избори во 2019 година категорично ги одбива сите чекори кон понатамошното проширување. Тоа има врска со тоа што либарлно настроениот шеф на државата се плаши од засилувањето на влијанието на нелибералните источноевропски држави, какви што се земјите од Вишеградската група“.





