Кинескиот регулатор за аудиовизуелни содржини објави дека е забрането емитувањето на британскиот јавен радиодифузер Би-Би-Си во Кина.
Потегот на Пекинг, се смета за „одмазнички“ и доаѓа една недела откако Велика Британија го забрани емитувањето на кинескииот државен канал ЦГТН поради неговите врски со Комунистичката партија.
Забраната настапила по жестоката реакција на Пекинг, како што сметаат во Лондон, откако Би-Би-Си на 3-ти февруари емитувал репортажа за наводни мачења и сексуални насилства на жени од ујгурската етничка заедница ( исламско малцинство во Кина) во кинески логори.
„Разочарани сме што кинеските влатсти одлучија да ја преземат оваа мерка. Би-Би-СИ е најголемиот меѓународен информативен канал на светот и покрива теми од целиот свет чесно, непристрасно без страв и наклонетост“, изјави портпаролката на британскиот радиодифузер.
Британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб предупреди на „неприфатливите повреди на слободата на печатот“.
Американскиот Стејт департпемент, пак, наведе дека „апсолутно ја осудува“ забраната за емитување на Би-Би-Си во Кина.





