Руските проектили кои ја напаѓаат Украина може да содржат американски компјутерски чипови кои стигнуваат до Русија преку бугарска компанија, објави Ројтерс, според откритијата во сопствената истрага за патот на специјализираните компоненти за ракети од САД до Москва.
Во центарот на настаните е московскиот бизнисмен Илиас Сабиров, кој со години ја снабдува руската војска со компјутерски чипови со високи перформанси произведени во САД.
Во пролетта 2015 година, Сабиров добил пакет од над 100 чипови. Американските обвинители открија дека овие чипови биле испорачани од американска компанија во Остин, Тексас од компанија наречена Silicone Space Technology или скратено SST. Чиповите заштитени од радијација биле испратени во Русија преку бугарска компанија во обид да се заобиколи американското извозно ембарго, соопштија обвинителите, пренесеува БГНЕС.
Против Сабиров и двајца бугарски бизнисмени – негови соучесници се води кривична постапка, а на виделина излегуваат нови детали за начинот на кој е извршена измамата. Заедно со Сабиров, Бугарите Димитар и Милан Димитрови во 2020 година беа обвинети за нелегално изнесување чипови во Русија и перење пари, а нелегалниот извоз се вршел од од 2014 до 2019 година.
Портпаролката на американското Министерство за одбрана Сју Гоф вели дека чиповите отпорни на радијација играат значајна улога во воените комуникации, разузнавањето и надзорот.
Таа рече: „Стекнувањето технологија заштитена од радијација од страна на агресивни држави со нуклеарно оружје, како што е Русија, може да ги поттикне со зголемување на дестабилизацијата на меѓународната безбедност. Затоа заштитата на овие чипови е од клучно значење за националната безбедност на САД“.
Досега, Кремљ не одговори на прашањето за американските обвинувања дека користи измамнички шеми за да ги заобиколи западните санкции и извозните ограничувања.
Сабиров негира вмешаност во шемата, како и врски со Бугарија за извоз на чипови. И Милан Димитров ги негираше обвинувањата, а неговиот татко Димитар не беше достапен за коментар, јавува БГНЕС.







