Бугарски медиуми јавуваат дека високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел изјави дека Македонија е посветена на промена на Уставот и вклучување граѓани кои се дел од други националности, како што се Бугарите.
„Ако ја погледнете најновата членка на ЕУ, Хрватска, таа има најмалку 22 заедници кои живеат во земјата. Вашата земја е веќе одличен пример за мултиетничко општество. Промената на Уставот само ќе ги подобри основните права“, рече потпретседателот на Европската комисија, пренесе БГНЕС.
Борел не се сомнева дека со тоа ќе се зачува македонскиот идентитет и ќе се унапреди процесот на пристапување во ЕУ.
„Вашиот идентитет ќе биде апсолутно заштитен. Луѓето имаат повеќекратни идентитети – нема да бидете помалку од тоа што сте само затоа што станавте членка на ЕУ. Многу е важно ова да се нагласи. Во иднина потребно е да ги исполните обврските што ги презедовте“, рече Борел одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со Димитар Ковачевски и Оливер Вархеи.






