Безбедносниот систем во распад, власта гони новинар за вистина – пишува Горан Момироски

Денеска во 10:30 во кривичниот суд во Скопје продолжува судењето против главниот и одговорен уредник на порталот лидер.мк и Радио Лидер Љупчо Златев за оддавање државна тајна.



Додека од судовите, обвинителството, институциите и администрацијата излегуваат секој ден спорни документи кои го нарушуваат цел државен и безбедносен систем власта преку своите испостави гони новинар што објавил вистина за политички реваншизам во државна институција.

Притоа обвинителството не го гони тој што сторил реално кривично дело туку тој што објавил дека е извршено кривично дело.

Обвинителството не ги гони тие што нанесоа тежок срам со испраќање на компромитирани воени претставници во НАТО но гони новинари што објавиле точни информации.

Ниту еден од тие што дале дозвола во Брисел да испратиме воени претставници со “опашки” не е гонет ниту пак такво нешто се подготвува за тие што ставиле параф на одлуката, претседателот Пендаровски и вицепремиерката Шеќеринска.

Но затоа за Златев обвинителството не е пасивно, напротив се активираше без да размисли дека на крајот некој таму ќе носи цел живот срам за прифаќање на политички насоки.

Обвинителите не го гонат портпаролот на СДСМ и пратеник Костадин Костадинов кој објави информции од истрага на обвинителството но затоа прави се што може за да спречи да се објавуваат скандали за власта и информации од јавен интерес.

“Обвинителот Јован Серафимовски се уште нема храброст да го повлече обвинението во кое ме терети затоа што сум објавил документ кој сведочи за злоупотреби во УБК со кои вработен изгубил безбедносен сертификат затоа што неговиот татко лажно бил класифициран како терорист и претседател на Тврдокорни (што не е).

Серафимовски нема храброст да се спротистави на политичката нарачка за мој отстрел која очигледно му ја даваат министерот за правда Бојан Маричиќ, директорот на АНБ Виктор Димовски и премиерот Зоран Заев лично. Очигледно да им удоволи на овие тројца моќници му е поважно од тоа да ја спроведува правдата.

Во она што го објавив јасно стои дека вработениот во УБК изгубил работа само затоа што неговиот татко лажно бил класифициран како терорист. Сега ме гонат поради тоа.

Утре заедно со мојот адвокат ќе ги поднесеме доказите и сведоците во моја одбрана.
Верувам дека ќе стигнам до правдата и на крајот демократијата и јавниот интерес ќе победат над злоупотребите во тајните служби.

Огромна благодарност до сите домашни и меѓународни фактори кои во изминатиот период ми даваат поддршка. Вина никогаш нема да прифатам и ако ова е кривично дело јас сум подготвен да го повторам, затоа што службите не смеат да постапуваат незаконски.
Демократијата и слободата треба да бидат над се’!”, пишува новинарот Златев кој зад себе ја има поддршката од јавноста но и едно од основните начела на Советот на Европа и Судот за човекови права во Стразбур.

Начелото е едноставно, јавниот интерес е секогаш поважен од интересот на државата да ги крие скандалите на актуелната власт.