Регулаторната комисија за енергетика нема да носи одлука за цената на топлинската енергија во Скопје се додека не бидеме сигурни дека ТЕ-ТО ќе работи и ќе биде ставено на мрежа. Ако ТЕ-ТО оваа година го немаме функционално на мрежа ќе ни се случи ценовна катастрофа, а тоа не ни е на крај на памет да го дозволиме. Додека не се знае дека ќе можеме да ги искористиме придобивките од ТЕ-ТО нема да имаме одлука, истакна претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Топлинската енергија од ТЕ-ТО, како што рече, е многу битна бидејќи во 2022 година таа беше три пати поевтина од цената што ја имаа топланите во Градот Скопје.

- – Технолошкиот процес во когенеративните постројки овозможува да има производство на топлинска енергија со пониска цена и тоа ќе го искористиме до максимум. За да го направиме тоа сериозен проблем ни е топловодот кој поминуваше на мостот „Беласица“ и кој беше оштетен од пожарот што го зафати мостот. Не сакам да навлегувам кој е надлежен – дали Град Скопје или ЕСМ, но верувам дека Градот Скопје и ЕСМ ќе преземат се за да се санира топловодот и да ја добиеме таа топлинска енергија од ТЕ-ТО. Топловодот ќе ни помогне топлината од когенеративната електрана да дојде во другиот дел на Скопје, бидејќи има други пумпни станици кои овозможуваат оваа топлина да дојде и до општина Карпош. Додека не добиеме јасна сигурност дека ТЕ-ТО ќе работи и дека ќе ја добиваме топлината од ТЕ-ТО ние нема да донесеме одлука за цената на топлинската енергија, бидејќи не можеме да го префрлиме товарот кај потрошувачите за работа која може да се среди за две недели и за помалку, рече Бислимоски.
Посочи дека е вообичаено Град Скопје да каже дека е се во ред со мостот „Беласица“ и да им даде дозвола на ЕСМ Дистрибуција да ги постави новите цевки на топловодот под мостот. Цената на топлинската енергија од ТЕ-ТО три пати пониска од цената на топланите
Цената на ТЕ-ТО е три пати пониска од цената на топланите во Скопје кои се во добра кондиција, но таков им е работниот процес и коефициентот на полезно дејство и е 33 до 34 проценти за разлика од ТЕ-ТО кое кога произведува и топлинска енергија има коефициент на полезно дејство и до 90 проценти, вели Бислимоски.
- – Токму тоа е придобивката од когенеративната електрана и срамота е да не ја користиме имајќи таква централа во Скопје. Ако не ја користиме цената на парното греење ќе треба да се зголеми за 100 проценти, бидејќи трошокот за гас е најголем во производството на топлинска енергија, посочи Бислимоски.
Таков луксуз, додаде, не можеме да си дозволиме, бидејќи сите потрошувачи ќе се исклучат од системот за централно греење. Потребна е нова методолгија за цената на парното во Скопје. Со новата одлука за цената на парното греење во Скопје РКЕ треба да реши неколку работи кои се исклучително комплицирани и затоа е потребна нова методологија и нов концепт за цената по која ќе продава ТЕ-ТО, порачува Бислимоски.
- – Сакаме максимално да ја искористиме когенеративната електрана ТЕ-ТО, бидејќи токму тоа е идејата на когенеративната постројка. Сега ТЕ-ТО е компанија која нема никаква сопственичка поврзаност со новите компании кои стопанисуваат со парното греење во Скопје и затоа ни е потребна нова методологија и нов концепт по која цена ТЕ-ТО ќе продава на операторот на системот за дистрибуција – ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија, рече Бислимоски.
Појасни дека ТЕ-ТО кога дава топлинска енергија намалува производство на електрична енергија и затоа новата методологија треба да овозможи трошоците за топлинска енергија на граѓаните да се одржат на соодветно ниво, а во исто време да се овозможи ТЕ-ТО да продава електрична енергија на пазарот на електрична енергија.





