Без „северна Македонија“, СДСМ не ја прифаќа резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ

И покрај првичната најава дека е прифатлива и за владејачките СДСМ и ДУИ, Резолуцијаста за „црвените линии“ во преговорите со Бугарија предложена ВМРО-ДПМНЕ нема да ја добие поддршката од партијата на Зоран Заев во Собранието ако таа не биде преформулирана со уставното име Република Северна Македонија, вели за Плусинфо висок функционер од Владата.



„Мора уставното име да биде Република Северна Македонија. Не може Парламентот спротивно на Уставот да одлучува. Ако нема измена, зарем треба против Уставот да гласаме? – вели висок функционер од Владата за Плусинфо.

И премиерот викендов изјави дека Резолуцијата е прифатлива, но, додаде дека во документот треба да се вметне новото уставно име на државата и да се утврдат неколку формалности.

Од ВМРО-ДПМНЕ ваквите најави од власта ги толкуваат како игри и ретерирање од првичната бланко поддршка за документот, бидејќи како што велат, СДСМ самиот излезе со став дека ќе ја прифати Резолуцијата таква каква што е.

Инаку, се чека и претседателот на Собранието Талат Џафери да ја стави Резолуцијата на пленарна седница. За тоа кога пратениците ќе расправаат за документот предложен од ВМРО-ДПМНЕ сè уште нема договор. Од најголемата опозициска партија велат дека Џафери треба Резолуцијата да ја стави на седницата на 15 или на 22 јули, бидејќи поради одморот на пратениците ќе нема поента за Резолуцијата да расправаат во септември.