Програма што произлегува од скопјани за потребите на градот. Ова е основата порака од денешната презентација на програмата на независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска. Проектите во програмата се производ на работата на експерти од различни области направени според потребите на скопјани со реални проекции како да се спроведат.
– Мојата визија е, преку брзи и сигурни решенија, Скопје да стане вистинска метропола каква што заслужува. 15 + 1 проекти треба брзо и ефикасно да го сменат начинот на живот на скопјани и да овозможат брз развој на градот. Веќе ги презентирав двата големи, стратешки проекти за достапен и еколошки јавен превоз: бесплатен јавен превоз и 250 нови еколошки автобуси. Тоа е еколошка алтернатива за автомобилите што треба да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот, сообраќајниот метеж – изјави Арсовска.
Таа потенцираше дека и покрај коментарите дека градот нема доволно средства за вакви проекти, сите ветувања се базирани на пресметки, факти, извори на финансирање, конкретни параметри и индикатори. На располагање се и европските фондови за финансирање на зелената транзиција во превозот на патници.
– Градот ќе креира нова и посебна програма за сите заборавени населби. И веднаш ќе почне да ги решава проблемите. Администрацијата во градот Скопје и јавните претпријатија уште првиот ден ќе добијат налог да ги утврдат сите конкретни проблеми, слабости и недостатоци, и за нив да дадат решенија. Неприфатливи се одговори дека е невозможно во 21 век делови од Скопје да ги немаат основните услови за живот – како што се канализација, вода, асфалт, автобуски превоз – смета Арсовска.
Кандидатката за градоначалник на град Скопје на конференцијата ги претстави и десетте клучните области во кои таа ќе дејствува и понуди стратешки проекти за секоја област.





