Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска изјави дека не може да прејудицира кога ќе биде донесено системското решение за платите на вработените во јавниот сектор, велејќи дека преговорите се водат во рамки на трипартитниот економско социјален дијалог. Во меѓувреме, расте незадоволството на вработени во институции кои се под капата на Министерството за финанси. Вработените во Царинската управа за в петок најавија предупредувачки протест, а реагираа и од Синдикатот на УЈП, кои протестираа вчера, незадоволни од одговорите кои ги добиле од Министерството.
Министерот Бесими, пред почетокот на Презентација на Извештајот од 5-от круг на еваулација на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, не одговори конкретно кога може да се очекува да се реши проблемот со платите на вработените во јавниот сектор, вклучувајќи ги и во УЈП и во Царината.

- – „Ние сме во преговори што се водат во рамки на економско социјалниот дијалог каде што присуствуваат три страни – Владата која во конкретниот случај е и работодавач, потоа синдикатите на работниците во јавниот сектор и Организацијата на работодавачи. Принципиелниот став кој е усогласен е дека се работи на потпишување, усогласување на општ колективен договор, што ќе важи за сите вработени еднакво во јавниот сектор“, рече Бесими.
На прашањето кога може да се очекува конкретно решение, тој одговори дека „се водат преговори и дека очекува да се усогласат во однос на ставовите.
- – „Другиот принципиелен став е дека се воспоставува методологија која ќе биде системско решение, гарантирано право на вработените во јавниот сектор во однос на тоа што значи заштита од инфлација и следење на продуктивноста на економијата односно конкурентноста на нашето стопанство“, рече Бесими.
Запрашан дали тоа значи дека оваа година нема да има зголемување на платите на вработените кои го искажуваат незадоволството, и дали за тоа ќе биде неопходен ребаланс на Буџетот, Бесими повтори дека се водат преговори и се работи на заокружување на методологијата која ќе важи за сите и ќе биде системско решение како што сега има системско законско решение за минималната плата и за пензиите. Тој додаде дека се работи и на ова решение каде што ќе има општ колективен договор меѓутоа и од страна на Министерството за информатичко општество и администрација има предлог решенија за закон за плати во јавниот сектор.
- – „Системското решение кое што ќе го договориме заедно со синдикатите ќе значи транзиторна примена или период на прилагодување“, рече Бесими.
Тој додаде дека годинава има раст на плати во јавниот сектор, односно во администрацијата.
- – „Не само раст на минималната плата, туку линеарно прилагодување на сите тие што влегоа во Законот за административни службеници и другите кои во меѓувреме се усогласија со тој закон. Значи и во оваа година има предвидено буџет и во дел од тие институции има предвидено средства и имаат зголемено плата“, рече Бесими.
Од Синдикатот на УЈП, незадоволни од одговорот кој го добиле вчера од Министерството за финанси, велат дека за вработените во управата е сосема нејасно ваквото позиционирање на Министерот за финансии во случај кога нема потреба од обезбедување дополнителни финансиски средства, од причини што потребните средства за исплата на платите на вработените во УЈП, согласно новиот колективен договор се обезбедени во буџетот на УЈП за 2023 година.
- – „Барањата на вработените во Управата за јавни приходи се токму во согласност со заложбите на ресорното министерство и неговиот Министер за законито постапување“, се вели во нивната реакција доставена до медиумите.
Имено, како што посочуваат, токму со одредбите на член 66 од Законот за буџети и дополнителното автентично толкување на посочениот член донесено од Собранието на Република Северна Македонија „јасно и недвосмислено се докажува основот за зголемување на платите на најголемиот број на вработени во Управата за јавни приходи согласно нивниот статус“. Во моментов на определен број на вработени во Управата за јавни приходи веќе им се исплаќаат зголемени плати по основ на погоре посочените законски одредби.





