„Беса транс“: Во автобусот немаше бензин, нафта и пиротехника за шверц

Туристичката агенција „Беса транс“, чиј автобус се запали на автопат во Бугарија и притоа загинаа 45 патници, негира дека во него имало бензин, нафта и пиротехнички средства за шверцување, кои би го предизвикале пожарот.



„Како агенција, ги информираме сите аналитичари, семејствата на починатите и повредените во трагичниот настан дека автобусот во никој случај немаше багаж за шверц на бензин, нафта или пиротехнички средства. Сите овие шпекулации служат за злонамерни цели и се обид за одредени страни да ја искористат трагедијата што се случи.

Вкупниот капацитет на автобусот беше 450-500 литри нафта за употреба на самиот автобус, а во никој случај немаше резерва за шверцерски цели.

Уште еднаш ги замолуваме медиумите да не ги користат овие дезинформации што предизвикуваат уште поголема болка на семејствата, но и стануваат пречка за процесот на истрагата“, се вели во соопштението на фирмата на која Министерството за транспорт и врски ѝ ја одзеде лиценцата за работа.