„Движењето Беса ја обвинува Владата на СДСМ и ДУИ дека ги поддржува Србија и Русија повеќе од Европската унија. Потпретседателот на Движењето Беса Фатмир Лимани вели дека преку коцкањето и брзите кредити Владата ги исполнува руско-српските интереси во * Македонија.“ – објави ТВ Алсат во својата информација со наслов „Преку коцката и брзите кредити Владата го шири руско-српското влијание“.
ТВ Алсат пишува: „Заради тесни лични, групни и партиски интереси лидерот на ДУИ Али Ахмети заедно со неговиот брат Ковачевски ја водат земјата кон српско-руските интереси, преку антинационални проекти од типот на Отворен Балкан и организиран криминал. Тие отстапуваат од евроинтегративниот пат и стратегиските политики на САД во последните три децении. Ги повикуваме Вашингтон и Брисел да бидат поостри во оваа насока , со нивните пораки до криминализираната Влада, да се откаже од корупцијата, што ја зафати секоја пора на нашата земја.“ – рече Лимани.
Исто така и лидерот на Демократското движење Изет Меџити пред неколку дена во интервју за Алсат ја обвини Владата дека го отвора патот за српското подземје, вклучувајќи го и Милан Радоичиќ. „Постојат укажувања дека рускиот капитал е директно вклучен. Радоичиќ, за кој се зборува во Северна Митровица, исто така е директно вклучен, бидејќи таму функционираше бандитизмот, перењето пари, функционираше сè што има врска со црната економија.“ – посочи Меџити.
Здружената албанска опозиција ја повика Алијансата за Албанците да се откаже од, како што наведува, „Владата на криминалот“. „Уште еднаш упатувам барање и ги молам да им се придружат на албанските опозициски партии, бидејќи, опозицискиот гласач на Алијансата не заслужува оваа партија денес да биде составен дел на една Влада на криминалот. Бев и јас составен дел на ова сегашно раководство и не случајно заминав од таму.“ – додаде Фатмир Лимани, потпретседател на опозициската Беса.
.





