Нови средби и првична стратегија за заедничко дејствување и за настап на изборите, договориле синоќа лидерите на Движењето Беса и Алтернатива, Биљал Касами и Африм Гаши со Изет Меџити, лидер на „огнената група“ вчера најави дека на 13 август и официјално ќе биде формирано ново политичко движење.
Со тројца „огнени“ пратеници опозицискиот блок е извесно дека веќе отсега ќе дејствува засилено и ден за ден ќе го надградува својот рејтинг, објави МКД.МК.
„Договорено е да се организира уште една средба во текот на идната недела на која уште еднаш ќе се разгледа позицијата на трите опозициски субјекти, во текот на првата недела од август работно да се разработат договорените точки од таа втора средба, а по 13 август, кога Изет Меџити и официјално ќе го промовира новиот политички субјект и неговото име, ќе биде организирана уште една средба. Тогаш, очекувањата наши се да се направи договор за заедничко дејствување до изборите и веројатно ќе падне договор на изборите, кога и тие да се одржат, да се оди со заедничка листа“, вели извор на МКД.Мк.
Сега е добра шанса конечно да биде поразена ДУИ, велат извори од трите субјекти и посочуваат дека обединети се посилни.
Од партијата на Африм Гаши пак, споделија кус став:
„Дојде време Албанците да се ослободат од коруптивните политики на партијата ‘Соравиа’ и да се ослободат од политичарите „нон грата“. Оваа цел нè освестува дека е време за соработка и надминување на лични суети зашто е во полза на општиот национален интерес“, велат од Алтернатива.







