Бербок: Преговори со Македонија и Албанија во првата половина на 2022

„Земјите како Украина, како и други држави, одамна ја гледаат својата иднина во ЕУ. Не само што нема да ги разочараме овие земји, туку ќе го одржиме ветувањето за членство во Европската унија.



Тоа важи и за некои земји од Западен Балкан, пред се Албанија и Македонија, и токму затоа сега во првата половина од годината мора конечно да ги започнеме пристапните преговори со Тирана и Скопје“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок по средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

Според неа, отворањето на пристапните преговори со двете земји е одамна задоцнет чекор.

Бербок нагласи дека имала билатерални разговори со бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, при што двете се согласиле дека во сегашната ситуација клучно е да започнат преговорите за влез на Албанија и Македонија во ЕУ, пренесе Њуз.бг.

Албанскиот премиер Еди Рама во два наврати соопшти дека доколку Тирана не добие датум за почнување на преговори, ќе бара издвојување од Скопје на патот кон Унијата, а не во „пакет“ како што е сега.