
Властите во Белград одговорија на обвинувањата од косовскиот премиер Албин Курти, кој денеска на Твитер напиша дека српските „паралелни структури“ на северот, поддржани од Белград, го оштетиле Косово за стотици милиони евра бидејќи не плаќале струја.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на српската влада, Петар Петковиќ, на ова одговори со контраобвинување – дека Курти лаже.
– Лаги и само лаги на Албин Курти. Белград две децении финансиски ја поддржуваше потрошувачката на електрична енергија на северот на Косово, а на пример, од ноември 2009 до декември 2020 година за овие цели издвоивме 171 милион евра. Курти нека најде друго оправдување за тоа што му е празна касата и нека престане да лаже и да ги криминализира Србите. Дополнително, единствената одговорна за неспроведување на Патоказот за енергетика е Приштина, која не сака да му додели дистрибутивни услуги на „Електросевер“. Приштина, престанете со лажните вести!“, напиша Петковиќ на Твитер.





