Белгискиот принц Јоаким е позитивен за коронавирус, откако присуствувал на забава во Шпанија.
28-годишниот принц, наводно, на 26-ти мај патувал во Шпанија и се заразил на забава во Кордоба, но причините зошто отишол таму не се објаснети, иако јавноста знае дека тој е во долготрајна врска со девојка од Шпанија.
Првите информации дека е болен член на белгиското кралско семејство ги објави шпанскиот сајт „Ел Кофиденсијал“, со официјален документ на властите на Андалузија.
Белгиските медиуми ја потврдија информацијата дека принцот Јоаким бил во Шпанија, дека е заразен, но дека има благи симптоми на болеста, пренесува Би-Би-Си.
Шпанските и белгиските медиуми не се согласуваат околу бројот на луѓе кои биле на забавата. Шпанците тврдат дека имало 27 гости, што значи дека биле нарушени регулативите за карантин, а според белгиски медиуми имало околу десет и дека принцот не ги прекршил пропишаните мерки. Во секој случај, сите што биле на таа забава сега се наоѓаат во карантин, пренесува Би-Би-Си.





