Белгиски судија во неделата обвини четири лица за наводно примање пари и подароци од земја од Персискиот залив за да влијае на одлуките во Европскиот парламент, обвинувања кои предизвикаа бурни реакции во Брисел.
Обвинителите претресоа 16 адреси и запленија 600.000 евра во петокот во Брисел како дел од истрагата за перење пари и корупција.
Првично беа приведени шест лица.
Четворица се обвинети, а двајца се ослободени, се вели во соопштението на обвинителството. Тие не наведоа имиња на ниту еден од обвинетите.
Обвинителите рекоа дека со месеци се сомневаат дека некоја земја од Персискиот залив се обидува да влијае на одлуките во Брисел. Извор запознаен со ова рече дека во прашање е Катар.
Катарски официјален претставник ги отфрли наводите за можна злоупотреба
„Секое поврзување на катарската влада со пријавените наводи е неоснована и сериозна дезинформација“, рече претставникот, додавајќи дека Катар работи преку институциите и во целосна согласност со меѓународните закони.
Европскиот парламент изминатиот викенд објави дека ги суспендирал овластувањата и должностите на еден од своите потпретседатели, грчката социјалистка Ева Каили, поради белгиската истрага.
Европскиот економски комесар Паоло Џентилони изјави за италијанската телевизија Раи 3 дека случајот се чини дека е „многу сериозен“.
„Ако се потврди дека некој земал пари за да се обиде да влијае на мислењето на Европскиот парламент, тоа навистина ќе биде една од најдраматичните приказни за корупција во последните години“, додаде тој.







