Белгија вчера го одложи за една деценија планот за укинување на нуклеарната енергија кој требаше да стапи на сила во 2025 година. Причина е стравото од огромниот пораст на цените на енергијата поради руската инвазија на Украина, јавија медиуми
„Федералната влада одлучи да ги преземе неопходните чекори за продолжување на животниот век на два нуклеарни реактори за десет години“, се вели во соопштението на премиерот Александар Де Кро. „Ова продолжување ќе ја зајакне независноста на нашата земја од фосилни горива во турбулентна геополитичка средина“, додаде тој.
Одложување до 2035 година доаѓа во време кога се зголемуваат повиците дека и соседна Германија, најголемата европска економија, исто така треба да ја преиспита својата одлука за напуштање на нуклеарните централи за производство на струја.
Европа се обидува да најде начини да се ослободи од енергетската зависност од Русија, која обезбедува 40% од потребите за гас на Европа, главно за Германија, Италија и неколку централноевропски земји.
По руската инвазија на Украина, цените за Европејците нагло се зголемија, а лидерите на ЕУ ќе се состанат следната недела за да договорат нови итни мерки за ублажување на ударот врз потрошувачите и бизнисите.







