Белгија бара од Украина објаснување дали користела нејзино оружје во напади во Русија

Белгискиот премиер Александар де Кро најави денес дека Белгија ќе побара од Украина објаснување за извештаите според кои пушки добиени од Белгија украинските сили ги користеле во конфликтот со руските трупи на територијата на Русија.Белгија бара од Украина објаснување дали користела нејзино оружје во Русија



„Нашето министерство за одбрана и неговите разузнавачки агенции почнаа истрага и бараат информации за да утврдат што точно се случило“, изјави Де Кро, а пренесува Ројтерс.

„Европското оружје ѝ се испорачува на Украина под услов да се користи на украинска територија со цел одбрана на таа територија. Имаме строги контроли за да провериме што се случило“, додаде тој.

Де Кро се воздржа од коментирање на можните последици ако извештаите се потврдат.

„Не смееме да избрзуваме“, кажа белгискиот премиер и додаде: „Но, ја анализираме ситуацијата и многу сериозно ја сфаќаме“.

Вашингтон пост во саботата извести дека украинските борци, кои минатиот месец извршија напад преку украинската граница во рускиот регион Белгород, користеле тактички возила кои ги добиле од САД и Полска и носеле пушки произведени во Белгија и Чешка.