„Беласица” ќе се санира најрано до 15-ти јули

На барање на Град Скопје, Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени на професорот Михаил Гаревски ќе направи експертиза и проверка на сигурноста и оштетувањата на мостот „Беласица“ кај ТЦ „Ист Гејт“, пренесува Вечер прес.мк.



– Експертизата ќе се состои од визуелна инспекција, како и недеструктивни тестови, поточно земање примероци за проверка на носивоста на бетонот и оштетувањата на арматурата на одредени места, но и земање кернови (бетонски пробни тела) што потесно ќе ни ја покажат состојбата на бетонот и неговите оштетувања – објасни Гаревски.

Според Гаревски, доколку проверката покаже дека има само неконструктивни оштетувања, санирањето најоптимистички може да биде завршено до 10 – 15 јули, а ако деталните анализи покажат потреба од посериозна санација, не е возможно да се заврши за помалку од шест месеци.

Тој додаде дека е добро што како репер ќе им служи другата страна на мостот за којашто истакна дека воопшто не е оштетена, каде што исто така ќе се направат некои тестови. Притоа, потенцираше дека од првичната визуелна инспекција што ја направил, констатирал оти има видливи оштетувања од аспект на опаѓање на бетон, што според него е резултат на високата температура од пожарот, но и како резултат на гаснењето со вода. Но, на главната носечка конструкција не можело да се види дека арматурата е откриена.

– Големата температурна разлика доведува до опаѓање на бетонот. Но, на главната конструкција не може да се види дека арматурата е откриена, што не е случај со горната плоча каде што има опаѓање на бетонот и арматурата може да се види, но тоа не е носечки елемент на конструкцијата – потенцираше Гаревски.

Тој истакна дека експертизата што ќе ја направи ИСОГКП не би смеела да трае повеќе од 20 дена и ќе покаже дали ќе биде потребна минимална санација кај неносечките елементи или ќе биде потребна сериозна санација, што според него во првиот момент не личи дека е потребна.

– Можеби нема да треба санација на главниот конструктивен систем, туку само заштита на арматурата со додавање на бетон таму каде што е отпаднат. Но, не можам да кажам повеќе додека не се заврши експертизата. И да треба да се санира ќе се најде елегантно решение кое ќе овозможи брза санација и брзо пуштање во употреба на мостот – дециден е Гаревски, пренесува порталот.